Во наредните четири години градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски ќе ја води Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) како претседател. Негови потпретседатели се градоначалниците на општините Центар и на Чаир, Горан Герасимовски и Изет Меџити. Оваа одлука е донесена на денешната конститутивна седница на Генералното собрание на ЗЕЛС.

Градоначалникот на општина Прилеп Дејан Проданоски е избран за претседател на Надзорниот одбор на ЗЕЛС.
-Од страна на колегите градоначалници ми е дадена едногласна поддршка и доверба да продолжам да го водам ЗЕЛС како претседател во наредниот период. Се надевам дека ќе имаме многу прашања и состојби кои заеднички ќе ги надминеме. Во минатото имавме одредени потешкотии со кои се справувавме, имавме одредени кризи кои заеднички ги решававме.
Ќе продолжиме да функционираме заеднички и обединето без да дозволиме политиката да се меша во овие процеси и во нашето дејствување се со цел подобрување на состојбите на општините, поголема децентрализација, особено фискална децентрализација на општините, изјави Ѓорѓиевски.




