Пред лицето на правдата да се изведат и оние кои не се обвинети а имаат вина, да се утврди индивидуалната одговорност на сите инволвирани. Ова се барањата кои родителите на загинатите во дискотеката Пулс ги истакнаа на 34-тиот „Марш за ангелите“, кој се одржа денеска во Кочани.
Родителите сметаат дека поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски кој си поднесе оставка, немал храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо, како што велат, вистинска и независна истрага, постапките биле водени на начин што не довел до утврдување на целосната одговорност.
Токму затоа, тие бараат новиот државен обвинител целосно да го преиспита случајот од самиот почеток.
Верица Труфинова – мајка на загинато дете
„Да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нашите деца.“
Родителите се гневни што, и по изминат значителен временски период од трагедијата во Кочани, дел припадниците на МВР кои по закон имале обврска да постапат, сѐ уште не се обвинети. Дополнително, посочуваат дека постојат и други лица за кои, како што велат, и јавноста и семејствата знаат дека носат вина, но тие не се ниту осомничени, ниту опфатени со видлива и транспарентна истрага. Ние не бараме одмазда, туку правда.ќ, порачаа родителите.
Александар Наунов – татко на загинато дете
“Униформата и функцијата не смеат да бидат штит од одговорност.
Селективната правда не е правда.
Молкот не е неутрален.
Одолговлекувањето не е случајност.
Нашето барање е јасно и легитимно: – проширување на истрагата,
– утврдување на индивидуална одговорност,
– и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка.”
Родителите најавуваат дека маршевите ќе продолжат сѐ додека правдата не биде целосна, а вината јасно именувана./Tv24




