дома Бизнис Над 25% од енергијата во ЕУ лани била од обновливи извори, во...

Над 25% од енергијата во ЕУ лани била од обновливи извори, во Македонија 21,8%

  Над 25% од бруто-финалната потрошувачка на енергија во ЕУ лани била од обновливи извори, што е зголемување за 0,7 процентни поени во споредба со 2023 година. Овој удел е за 17,3 процентни поени помалку од исполнувањето на целта за 2030 година (42,5%), што би барало просечно годишно зголемување од 2,9 процентни поени од 2025 до 2030 година.

Во Македонија енергијата од обновливи извори во вкупно потрошената енергија лани учествува со 21,8 проценти, што е зголемување од 1,6% во однос на претходната 2023 година, пренесува MIA.

Од земјите во регионот, според податоците на Евростат, најмногу енергија од обновливи извори лани користеле Албанија (43,1%) и Црна Гора (40,8%). Потоа следат Хрватска (26,7%), Србија (25,8%), Грција (25,3%) и Бугарија (23,2%).

На ниво на Европа највисок удел обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на Енергија имале во Исланд (79,3%) и Норвешка (77,9%), додека најниските удели на обновливи извори се забележани во Белгија (14,3%), Луксембург (14,7%) и Ирска (16,1%).

Меѓу земјите на ЕУ, Шведска го забележа највисокиот удел во бруто-финалната потрошувачка на енергија што доаѓа од обновливи извори (62,8%). Шведска првенствено се потпира на цврста биомаса, хидроенергија и ветер. Финска следеше со 52,1%, потпирајќи се на цврста биомаса, ветер и хидроенергија, додека Данска се најде на третото место со 46,8%, при што поголемиот дел од нејзината обновлива енергија доаѓа од цврста биомаса, ветер и биогас.

 

Меѓу земјите од ЕУ, повеќе од 75% од потрошената електрична енергија во 2024 година била генерирана од обновливи извори во Австрија (90,1%), Шведска (88,1%) и Данска (79,7%). Потрошувачката на електрична енергија од обновливи извори била висока и во Португалија (65,8%), Шпанија (59,7%), Хрватска (58,0%), Латвија (55,5%), Финска (54,3%), Германија (54,1%), Грција (51,2%) и Холандија (50,5%), сите тие учествувале со повеќе од половина од потрошената електрична енергија. На другиот крај од скалата, уделот на електричната енергија од обновливи извори бил помал од 25% во Малта (10,7%), Чешка (17,9%), Луксембург (20,5%), Унгарија и Кипар (двете со 24,1%) и Словачка (24,9%).

Растот на електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија во периодот од 2014 до 2024 година во голема мера го одразува проширувањето на 2 обновливи извори на енергија низ ЕУ, имено енергијата на ветерот и сончевата енергија.

ПредходнаКонгрес на Демократската унија за интеграција
Следна„Празничен шепот на крушевската чаршија“ од вечерва до Бадник