
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека ставот на Софија е дека државава има обврска да го имплементира пакетот од 2022 г., што според него е апстрактен политички термин, кој се обидуваат да го разјаснат за што вложуваат максимална енергија, притоа кажувајќи им на претставниците на Европската Унија дека како Влада не се подготвени да прифатат каква било идна отстапка во однос на идентитетот, јазикот и историјата.
„Тоа што мене ме охрабрува е чувството помеѓу повеќе земји членки на Европската Унија дека мора да се најде решение помеѓу Македонија и Бугарија, но не само чувството за потреба за изнаоѓање на решение, туку и очигледниот ангажман на институциите во Брисел и на неколку земји членки за да се создаде доверба помеѓу двете земји, а со тоа и решение за одблокирање на процесот и отпочнување на преговорите, вели Муцунски во гостување вo емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На забелешката дека Бугарија смета дека сè е договорено и оти сега е ред на Македонија да испорача, Муцунски со одговор дека наоѓање на решение нема да биде лесно и оти тој не може да вети нешто такво со апсолутна сигурност. Единствено, вели, може да каже оти земјава ќе води активна кампања на објаснување на позициите, притоа сугерирајќи дека кај голем дел од земјите членки има разбирање за македонската позиција, па оттаму смета дека ќе има засилен ангажман за ова прашање.
„Објективна пречка којашто повторно ни се поставува на патот е фактот што во Бугарија следи изборен период, во којшто ќе биде тешко, според мене, да се водат преговори. Но, ние не го исклучуваме тој процес. Секогаш сме на располагање за разговори во каков било формат. Се согласувам со една неодамнешна изјава на претседателот на Владата, на премиерот Мицкоски, дека и Софија треба да расчисти дали ова е билатерално прашање или е прашање коешто треба да го решиме во европски формат. Но, тоа што јас ќе го кажам е дека ние имаме желба во добра верба да дискутираме со Софија, да работиме за изнаоѓање решение, но не за решение каде што ќе има ризик за неколку месеци повторно да бидеме во истата позиција во којашто сме сега“, кажа Муцунски.
Министерот за надворешни работи инсистира на терминот „предвидливост“, но на забелешката дека таква предвидливост е речиси невозможно да се добие, на пример, и поради политичката нестабилност во Бугарија, тој вели дека оваа теза ја слушнал од многу негови соговорници и дека ја смета за легитимна, но не може да се согласи со неа оти Македонија не е која било држава, туку земја што направи голем број национални отстапки во минатото.




