Анита Тополова-Исајловска ќе ја врши функцијата вршител на должноста јавен обвинител до назначувањето на нов државен јавен обвинител откако Љупчо Коцески поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Тополова-Исајловска е избрана денеска едногласно на седница на Советот на јавни обвинители.
Таа беше единствен предлог за оваа клучна позиција. Доаѓа од позицијата заменик јавен обвинител.
Името на Топалова – Исајловска не е многу познато во јавноста, но се споменуваше пред некоја година, кога како републичка обвинителка од Врховен суд бараше да падне предметот „Талир“, кој сè уште се суди во два дела, а меѓу обвинетите е и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Таа бараше Врховен да го укине решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на Специјалното јавно обвинителство за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.




