Естонското Министерство за правда има намера конкретно да пропише со закон кои одлуки компјутерските програми можат да ги донесуваат наместо луѓето, а кои не, што би им овозможило на роботите да ги одредуваат даночните долгови наместо службениците во таа земја, објави денес естонскиот јавен сервис ERR.

Според планот на Министерството за правда, износот на доцнење на даночните плаќања во иднина би можел да зависи од претходно програмиран алгоритам, кој би предвидел како роботот треба да одлучи во една или друга ситуација.
Меѓу другото, на роботот би му било дозволено да одлучува и во ситуации каде што донесувањето одлука бара мерење или избор помеѓу неколку опции.
Додека досега службено лице можеше да процени дали и до кој степен треба да се наплати камата за доцнење на плаќање од даночен обврзник кој доцни, во иднина алгоритам би можел да го стори истото.
Во Естонија, информациските системи веќе донесуваат автоматски одлуки, како што се пресметување на поврат на данок на доход или одредување на детски додаток.
Ова значи дека системот ја проверува возраста и местото на живеење на детето и го одредува додатокот без директно вклучување на службениците. Според планот на Министерството за правда, властите можат да ги направат автоматизираните административни процедури стандардна опција за луѓето, но не и услов.




