Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска упати јасна порака до Владата и работодавачите – веднаш да седнат и да се договорат за износот на зголемување на минималната плата. „Ако не се слушне јазикот на аргументите, ќе се слушне јазикот на работниците на друго место, предупреди претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, додавајќи дека народот е подготвен да испрати „новогодишна честитка“ доколку институциите продолжат да си играат со трпението на граѓаните.
Трендафилов истакна дека Македонија има најниска минимална и просечна плата во регионот, иако соседните земји веќе ги зголемуваат износите – во Албанија минималната плата е 430 евра, во Косово од јуни 500 евра, а во Србија 550 евра.
„Ако има дно, ние сме под дното,“ нагласи тој.
ССМ беше единствениот синдикат кој аргументирано се бореше за зголемување на платите на денешната седница на Економско-социјалниот совет, додека други синдикати, како КСС, според Трендафилов, „даваа поддршка на Владата и ја бранеа од дискусијата“.
Затоа, ССМ ги повикува сите работници да се обединат и да дадат максимална поддршка на синдикатот во наредниот период.
-Очигледно е дека ако не се слушне јазикот на аргументите, ќе се слушне јазикот на работниците, порача тој.
Нема зголемување на минималната плата до крајот на годината, ЕСС утре нема да се разговара за ова
-Нова година ќе ја дочекаме како најсиромашни на Балканот и во Европа. Ако тоа е честитката од Владата, тогаш и ние ќе честитаме на друг начин, предупреди Трендафилов, нагласувајќи дека ССМ нема да дозволи да се игнорираат интересите на работниците.




