Началникот на Генералштабот на либиската армија загина во авионска несреќа во Турција, соопшти либискиот премиер.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја објави на платформата X дека контактот со деловниот авион е изгубен во 20:52 часот по локално време (18:52 часот по средноевропско време), приближно 42 минути по полетувањето од аеродромот во Анкара.
Според турските власти, авионот побарал итно слетување непосредно пред да го изгуби контактот. После тоа, немало понатамошна комуникација со авионот.
„Остатоци од авионот што полета од аеродромот Анкара-Есенбога кон Триполи беа пронајдени од нашите жандармериски сили на 2 км јужно од селото Кешикавак, во округот Хајмана, околу 50 км југоисточно од турската престолнина“, рече Јерликаја.

Либискиот премиер Абдул Хамид Дбеибе, шеф на меѓународно признатата Влада на национално единство со седиште во Триполи, потврди дека ја примил веста за смртта на генералот ал-Хадад. Тој исто така изјави дека во авионот имало и други високи либиски воени функционери.
Генералот ал-Хадад и членовите на неговиот тим беа во Турција на разговори насочени кон понатамошно зајакнување на воената и безбедносната соработка меѓу двете земји. Околностите на несреќата сè уште не се детално објаснети, а надлежните служби спроведуваат истрага.




