Поранешниот министер за внатрешни работи и екс-директор на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев преку својот Фејсбук профил соопшти дека по долга судска битка успеал да докаже дека неговиот прогон бил политички мотивиран.

Како што вели, судовите во Македонија донеле пресуди со кои се утврдува дека одземањето на неговиот безбедносен сертификат и неговото отстранување од работа биле незаконски.
Чулев истакна дека по 25 години чесна служба во безбедносниот сектор, конечно ја докажал својата невиност и професионален интегритет.
„Со години бев цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт. Незаконски ми беше одземен безбедносниот сертификат и незаконски бев отпуштен од работа. По долга и исцрпувачка борба, судовите во Македонија тоа јасно го утврдија и го запишаа во своите пресуди. Тоа беа години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и моите деца. Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за „безбедносен ризик“ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во системот. Ќе бидам искрен – тоа беше период кога човек лесно може да се скрши. Неправедни обвинувања, закани и нехумани притисоци, рушење на угледот и болката кога твоите деца трпат за нешто за што не се виновни, се исклучително тешки. Но, правдата, колку и да е бавна, со вера и истрајност, сепак доаѓа“, напиша Чулев.
За потсетување, пред 3 години, Чулев преку Фејсбук објава обвини дека не е повеќе во Агенцијата за разузнавање, и тоа не поради негова вина, туку дека актуелната власт вршела елиминација на безбедносните кадри.
По ова тогаш се огласи и Агенцијата за разузнавање која истакна дека не добил отказ, туку бил суспендиран од работа.
„На 08.06.2022, Наќе Чулев е суспендиран од работа. Причина за суспензија е добиеното Решение од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации со кое се регулира материја поврзана со безбедносниот сертификат. До овој момент Наќе Чулев нема добиено отказ од Агенцијата. Со ова Агенцијата за разузнавање констатира дека Наќе Чулев манипулира со јавноста“, напиша тогаш Агенцијата.




