дома Македонија Политика Ќе ја обелодениме целата корупција на власта, документи ни доставуваат и нивни...

Ќе ја обелодениме целата корупција на власта, документи ни доставуваат и нивни членови на кои им е преку глава, најавува Филипче

„Мицкоски е малиот Вучиќ. Очигледна е соработката на оваа власт со власта на Александар Вучиќ и на СНС лично со него. На граѓаните им паѓа во очи како Мицкоски сака да го имитира Вучиќ и во движењето и во начинот на давање изјава. Пратевме што се случуваше во Србија по трагедијата во Нови Сад и протестите. Таа политика таму е практично многу слична на она што се случува тука. Еден човек ја претставува целата политика и целата партија и сите ги извршуваат нивните наредби и во рамките на партијата и во рамките на Владата.“, сублимира Слободен Печат.

Вака лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче го опиша владеењето на ВМРО-ДПМНЕ по речиси една и пол година на неговиот новогодишен брифинг на кој предупреди дека граѓаните ги очекува тешка 2026 година со поскапена струја, која ќе повлече поскапување и на лебот, млекото, јајцата, задолжување на државата од 2 милијарди евра, стопирани 130 милиони евра за земјоделците кои ќе ги доведе до работ на егзистенцијата и изолирана земја, чија власт, според него, бара само изговори за да не го продолжи европскиот пат за да нема европски обвинител кој ќе го гони нивниот криминал.

Она што го најавува дека ќе го направат како опозиција идната година е дека ќе ја вратат власта на народот.

– Во оваа борба за правда никој нема да не запре, ќе ја вратиме власта во рацете на народот – изјави Филипче, кој кажа дека нивниот антикорупциски тим добива стотици пријави и документи од граѓани и вработени во јавни институции, дури и од блиски членови на ВМРО-ДПМНЕ.

– На тие луѓе очигледно им е преку глава од она што го прават нивните другари и другарки. Ќе ги презентираме сите документи за коруптивните зделки на власта – најави Филипче и ја обвини власта дека прави се за да ги замолчи, преку наводен проект кој го имала и со поранешни членови на СДСМ кои баш сега, кога почнале да излегуваат коруптивните афери на власта влегле во акција во јавноста да претстават растурање на партијата од внатре, а меѓу нив беше поранешниот градоначалник и функционер од СДСМ, Петре Шилегов, Саша Богдановиќ..

-Сето ова е организирано од ВМРО- ДПМНЕ и целиот проект го води ВМРО-ДПМНЕ. Тие се налогодавачи, финансиери. Еден од можните финансиери на овој проект е Алта банка која дојде од Србија со сомнителен капитал за која власта ги отвори ширум вратите иако во Европа не ја примаат бидејќи има сомнително потекло на капиталот – рече Филипче.

Опозицискиот лидер е дециден дека процесот за интеграција кон Европската Унија е запрен поради криминалот и корупцијата на власта.

– Оваа влада поддржана од претседателката имаат бара од ЕУ кои се нереални и не може да се исполнат, од сите европски функционер им е јасно дадено до знаење дека тоа што го бараат е невозможно. Се бараат само изговори земјата да се држи изолирана. Нивните барања се практично нереални. Со самото тоа што не се отвораат вратите на европското обвинителство овде царува криминалот. Си именуваат обвинители судии, блиски на власта со цел да ги заштитат своите членови и да влезат во политичка битка со неистомислениците. Го наметнуваат проблемот со Бугарија. Тоа е завршена работа. Тоа е само еден механизам до ЕУ, вметнување на Бугарите во Уставот – порача тој.

Односот на власта кон трагедијата во Кочани беше меѓу првите негови обвинувања, односно тоа што иако има безброј индиции за одговорност на актуелни функционери од ВМРО-ДПМНЕ тие не се опфатени во истрагата.

На новинарско прашање дали може конкретно со име и презиме да каже кои точно актуелни функционери не се опфатени со истрагата, а за нив има докази, рече дека не сака да шпекулира со имиња.

– Родителите точно знаат кои се тие, кој бил таму вечерта – рече Филипче.

Рече дека власта направила трик со Анкетната комисија за Кочани и направила се за да нема ваква комисија и очекува и понатаму да направи се за да не се зборува за овој случај во Собрание, со изговор дека се води истрага.

По изјавата на претседателот на Собранието Африм Гаши дека ниту една партија не предложила претставници за оваа Комисија, најави дека уште денеска ќе ги достават имињата во Собрание.

Повтори уште еднаш дека скандалозните измени на Кривичниот законик се една од најголемите грешки на СДСМ, а сега правниот тим на партијата ги анализирал новите измени што ги поднесе власта за кои и тие имале индиции дека со нив ќе се амнестираат високи функционери, министри и директори.

Најави дека СДСМ ќе биде активен контролор на овие измени во Собрание и дека ќе поднесе амандмани.

– Тие измени ги поддржа и ВМРО-ДПМНЕ. Но недозволиво е да има сега скриени форми на амнестија или козметичка форма на законот – рече Филипче.

Тој и поранешниот лидер на оваа партија Зоран Заев се дел од секојдневните обвинувања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека имаат имот и бизниси во Дубаи, но Филипче е категоричен дека не се точни тврдењата и дека овие обвинувања се со цел да ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми.

-Не го знам Тома Аврамски и тоа се тие обиди за дефокус од кујни на ВМРО-ДПМНЕ – порача тој.

Опозицискиот лидер е свесен за малата поддршка што ја има опозицијата, што го покажаа и резултатите на изборите во 2024 година и сега, но уверува дека ќе создаде систем во партијата.

– Сметам дека треба да се комуницира и да му се понуди на секој еден поединец, граѓанска организација, политички субјект да станат дел од нашиот фронт за правда. Поддршката за СДСМ значи етаблирање на систем кај нас. Јас лично и во партијата сакаме тука да создадеме систем – порача Филипче.

СП

ПредходнаАкадемик Беџети: Нема подобрувања, во некои аспекти има и влошување во економската состојба
СледнаCиeл Дyбaи Mapинa – нajвиcoĸиoт xoтeл вo cвeтoт, ĸoj ce oтвopи oвaa гoдинa co гoлeми oчeĸyвaњa