Една година затвор доби кавадарчанецот кој на 21 декември со возило удри во полициски службеник. Тој беше приведен на 25 декември и веќе следниот ден изведен пред судија каде го призна делото.

Кавадарчанецот на возраст од 46 години со возило не запрел на знак на полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
– Обвинетиот беше лишен од слобода на 25 декември и веќе следниот ден беше изведен пред суд, каде го призна делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото, информираат од Обвинитеството.




