Жолто временско предупредување останува на сила во Холандија денес откако снегот, лапавицата и замрзнатиот дожд предизвикаа сообраќајни несреќи низ целата земја и го нарушија воздушниот сообраќај, при што околу 400 летови се откажани, објавија денес локалните медиуми.

Аеродромот Схипхол во Амстердам предупреди за значителни доцнења и откажувања и објави дека денес ќе бидат откажани околу 400 летови, а повеќе од 125 во понеделник, објави NL Times.
Портпаролот на аеродромот изјави дека очекуваат временските услови во понеделник да бидат слични на оние од претходните денови.
„На патниците им се советува да ги проверат тековните информации за летовите пред да се упатат кон аеродромот“, рече тој.
KLM веќе откажа 295 летови за недела, а повеќе од 200 летови беа откажани и во петок и сабота поради комбинација од замрзнат дожд и силен ветер.
Кралскиот холандски метеоролошки институт (KNMI) соопшти дека жолтото временско предупредување останува на сила за целата земја до вторник наутро.
Во северните, централните и јужните делови на земјата, снежните врнежи понекогаш беа обилни, со локални снежни врнежи до пет сантиметри дебелина.
Лизгавите услови на патиштата доведоа до бројни несреќи во саботата навечер и во текот на ноќта, објави NL Times.
Железничката компанија ProRail соопшти дека неколку возови денес биле одложени или прекинати поради снег и замрзнати свртници.
Возовите на меѓуградската линија помеѓу Ајндховен и Херлен биле одложени до 15 минути и се очекува да бидат одложени до по полноќ во понеделник.
Брзите возови биле откажани или одложени на неколку линии, вклучувајќи ги линиите Утрехт-Тил, Дордрехт-Рузендал, Утрехт-Бројкелен и Цволе-Лојварден.
Автобуските услуги во регионот Северен Брабант биле во голема мера прекинати во недела наутро, објави NL Times.




