дома Македонија Економија Законот дозволува „вечни“ вработувања: Кој привремено се откаже од пензија, може да...

Законот дозволува „вечни“ вработувања: Кој привремено се откаже од пензија, може да работи до кога сака

 

Законот за пензиското и инвалидското осигурување им овозможува на сите пензионери, доколку најдат работа, ако тоа за нив е поволно, да прифатат пак да бидат „редовно“ вработени со платен пензиски и здравствен придонес. Но, тогаш им се прекинува пензијата, а во иднина може да добијат поповолен износ.

 

 

„Слободен печат“ разговараше со надлежните во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување што значи „прекинување на пензијата“. Во Фондот објаснуваат дека Законот им овозможува на сите пензионери, доколку најдат работа, ако тоа за нив е поволно, да прифатат пак да бидат „редовно“ вработени, односно со платен пензиски и здравствен придонес. За тоа нема ограничувања во однос на годините. Па, ако некој е способен и потребен, може пак да биде вработен ако сака и на 80 години! Останува и можноста за разни видови хонорарни вработувања, без да се плаќаат придонеси, а во тој случај нема запирање на пензијата.

– Остварувањето на правото на пензија, нејзиното примање, престанок на примање и други прашања врзани со остварувањето на правото на пензија се регулирани во Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Во член 148 од Законот е наведено: „На корисникот на пензија додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија му се запира исплатата на пензијата, а на корисник на инвалидска пензија му престанува правото на пензија“ – објаснија од Фондот.

Оттаму велат и дека „на корисникот на старосна пензија може да му се определи нов износ на пензија ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето право на старосна пензија, доколку е поповолно за корисникот“.

Од Фондот потсетуваат дека во сила е и Законот за работно ангажирање на лица, но дека тој се однесува само за повремени и сезонски вработувања на лица и тоа во секторите: земјоделство, шумарство, рибарство; објекти за сместување и сервисни дејности за храна и дејности на домаќинството како работодавач. Во овие сектори и во точно утврдени рокови може истовремено и да се работи со платен пензиски придонес и да се зема веќе стекнатата пензија.

– Пензионер доколку се вработи, треба да го извести Фондот на ПИОМ за да му биде запрена исплатата на пензијата во согласност со член 148 од Законот за ПИО, освен доколку не е вработен по основ на Законот за работно ангажирање на лица – изјавија од Фондот за „Слободен печат“.

Во регионот може и пензија и редовно вработување

Експертите посочуваат дека пензијата е економска, а не социјална категорија. Односно тоа што веќе е „заштедено“ преку пензискиот придонес му следува на пензионерот, а ако може плус да заработи и да се договори за вработување со пензиски придонес, што може да ја подобри неговата идна состојба со пензијата, тоа е дополнително.

Пензионерите во Хрватска според новиот Закон за пензиско осигурување од 1 јануари годинава, можат да работат со полно работно време, а во исто време да примаат 50 отсто од пензијата додека работат, oбјави МИА.

Во Србија, пензионерите можат да работат и да примаат пензија без таа да им биде укината. Ако се вработат, за нив се плаќаат пензиски и здравствени придонеси, а по најмалку една година дополнителен стаж имаат право да побараат зголемување на пензијата врз основа на новиот стаж, пишува на официјалната страница на Фондот за пензиско осигурување на Србија.

Во Словенија, системот е посложен. Пензионер може да работи, но во тој случај најчесто прима дел од пензијата, а не целосен износ. Колку ќе прима, зависи од обемот на работниот ангажман.

ПредходнаСоветот на јавни обвинители отвора постапка за навредите на Мицкоски кон Ристоска
СледнаИ ВЛАСТА и ОПОЗИЦИЈАТА на парламентот му исцедиле 14,4 МИЛИОНИ за патни трошоци