Техничката влада ќе се укине, а ако нема согласност за нејзино укинување кај сите парламентарни партии, тогаш нејзиното укинување ќе биде по следните избори, начелно се договорија лидерите на денешната лидерска средба на која не присуствуваше само лидерот на опозициската СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој е и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, по средбата изјави дека сите биле согласни за укинување на техничката влада, но доколку коалицијата предводена од СДСМ не го прифаќа ова, тогаш да се донесат измените во законот за Влада, но тие да важат по завршување на следните парламентарни избори.
– Мојот предлог беше да не одиме со сила, без нивна согласност туку да донесеме измени на законот, а по следните избори веќе да не важи техничката влада, Ако толку инсистираат да важи за овие избори техничката влада, тогаш измените не мора да бидат за следните парламентарни избори, изјави Мицкоски.
Укинувањето на техничката влада беше и една од причините зошто СДСМ не присуствува на денешната средба на која дојдоа лидерите на опозициските ДУИ и Левица.
Ставот на СДСМ е дека ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на техничката влада затоа што се плашат во министерствата да влезат министри од опозицијата и да ги откријат криминалите што ги правеле министрите на ВМРО-ДПМНЕ.
На лидерската средба била изразена и подготвеност за двотретинска поддршка на законите потребни за да профункционира проектот „Сејф сити“, а биле договорени и итни консултации за избор на народниот правобранител и забрзана работа околу измените на Изборниот законик.
Предлогот на Левица за народен правобранител, како што изјави лидерот Димитар Апасиев, е тој да биде избран од ромската заендица.
На лидерската средба не присуствуваше лидерот на ЗНАМ, а претставник од оваа партија беше министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Од ЗНАМ посочија дека лидерот Максим Димитриевски не присуствувал затоа што претходно веќе имал закажани средби надвор од државата и дека нема ништо спектакуларно во неговото отсуство денеска.




