Франција ќе отвори конзулат во Гренланд на 6 февруари, потег планиран уште од минатата година , објави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, објави Ројтерс.
Одлуката доаѓа во време на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз арктичката територија.
САД треба да престанат да го уценуваат Гренланд и да ја изразуваат својата желба да ја преземат контролата врз автономната данска територија, инсистираше Баро.
„Нападот врз друга членка на НАТО би бил бесмислен, дури и спротивен на интересите на Соединетите Американски Држави, и затоа оваа уцена очигледно мора да престане“, беше категоричен тој.
Трамп изјави дека САД треба да го поседуваат Гренланд , автономен дел од Кралството Данска, за да спречат Русија или Кина да ја окупираат стратешки лоцираната и богата со минерали арктичка територија, тврдејќи дека военото присуство на САД таму не е доволно.
И Гренланд и Данска веќе нагласија дека островот не е на продажба , но Трамп не ја исклучи можноста за негово земање со сила.




