Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска изнесе сериозни обвинувања против претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и поранешниот премиер Зоран Заев, повикувајќи се на изјава на докторот и сопственик на приватната клиника „Жан Митрев“.
Според Стојаноски, во периодот кога Филипче и Заев биле на власт, преку институционален притисок наводно се обиделе да му го одземат сопствеништвото врз болницата, при што биле блокирани сметки и воведени забрани за располагање со имотот.
Тој побара Јавното обвинителство итно и неселективно да го истражи случајот.
На обвинувањата остро реагираше Венко Филипче, оценувајќи ги како дел од, како што рече, брутална црна кампања и јавен линч што власта подолго време го води против него.

Филипче жестоко возврати и ги демантираше тврдењата за каков било рекет или притисок врз Жан Митрев, нагласувајќи дека обвинувањата ја поминале секоја политичка и морална граница.
Тој најави дека ќе одговори институционално и правно, со тужби против, како што рече, нарачателите и извршителите на клеветите.
Филипче директно го повика и Жан Митрев, доколку има конкретни наводи, да поднесе кривична пријава до обвинителството, истакнувајќи дека само институционално постапување може да ја утврди вистината.
Во своето обраќање, тој оцени дека ваквите напади се обид за дефокус од, според него, суштинските проблеми во државата, како буџетскиот дефицит, економската состојба и корупцијата, додавајќи дека граѓаните заслужуваат политика насочена кон подобар животен стандард и европска иднина.




