Македонската заедница од Општина Пустец, преку партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ја изразуваат длабоката загриженост и силното противење во врска со одлуката на албанската Влада за отворање три прифатни центри за мигранти на територијата на оваа општина, поточно во административната единица Зрноско и на спортските игралишта во Пустец и во селото Долна Горица.

-Оваа одлука произлегува од нормативниот акт „За одобрување на Националниот план за контингенција за мешани миграциски текови 2026–2028 година“, објавен во Службен весник, според кој, во случај на криза, за управување со миграциските текови е предвидено формирање на 20 прифатни центри за мигранти на територијата на Албанија во текот на следните две години. Овие центри се планирани за мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои ја користат Албанија како транзитна земја кон Европската Унија, рече на денешната средба со новинарите во Корча, Васил Стерјовски, лидер на партијата, на која присуствуваше и Атанас Плоча, заменик градоначалник на Општина Пустец.
МАЕИ и Македонците во оваа општина го осудуваат фактот дека оваа одлука е донесена без никакви јавни консултации со жителите на македонската заедница во општина Пустец, без вклучување на локалната самоуправа и без дијалог со локалните актери, со што сериозно се кршат принципите на локалната самоуправа, транспарентноста и партиципативната демократија.
Македонците во Преспа не бараат прифатни центри за мигранти, туку конкретни инвестиции во инфраструктура, туризам, земјоделство и одржлив развој, со цел Преспа да се трансформира во вистинска туристичка дестинација и да се запре процесот на депопулација на областа.
Оценуваат дека отворањето на овие центри, во комбинација со целосниот недостаток на државни инвестиции, ризикува дополнително продлабочување на емиграцијата на жителите на општина Пустец од нивното родно место, сериозно загрозувајќи го постоењето и континуитетот на македонската заедница во оваа област.




