Куќен притвор бара Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за судијата Ѓоко Ристов кој се сомничи за кривични дела – противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело. Во домот на неговите родители беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра.
Денеска судијата Ристов, како што стои во информацијата од Обвинителството, бил сослушан.
– Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор, стои во соопштението.
Предложено е и определување на мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Од друга страна, од Кривичниот суд испратен е допис до Судскиот совет со кој се бара да му биде одземен имунитетот на апелациониот судија Ристов.




