Француската морнарица заплени руски танкер за нафта во Средоземното Море , кој е предмет на меѓународни санкции против Москва, објави францускиот претседател Емануел Макрон во објава на социјалната мрежа X.

Макрон рече дека операцијата е спроведена рано утрово, при што запленетиот брод патувал од Русија и веројатно користел знаме на трета земја за да го заобиколи режимот на санкции. Францускиот шеф на државата рече дека Франција добила помош од „неколку сојузници“ во операцијата, без да даде дополнителни детали за нивното учество или рутата на танкерот.

Макрон нагласи дека активностите на таканаречената „флота во сенка“ – мрежа од танкери што се користат за транспорт на руски енергетски ресурси надвор од официјалните канали – придонесуваат за финансирање на војната на Русија во Украина. Запленувањето на бродот, рече тој, е дел од напорите на Париз и неговите партнери строго да ги спроведуваат санкциите и да ги ограничат приходите што ја поддржуваат воената кампања на Русија.
Француските власти сè уште не објавија никакви дополнителни информации за екипажот, товарот или последователните правни мерки против запленетиот танкер.
Потсетуваме дека Франција веќе еднаш претходно заплени сличен танкер кон крајот на септември минатата година во близина на градот Брест на атлантскиот брег, но го ослободи неколку дена подоцна без да ги објасни причините и за неговото запленување и за неговото ослободување.




