дома Македонија Политика „Ќе навивам за вас“, ни порача Анџела Агелер во проштално писмо

„Ќе навивам за вас“, ни порача Анџела Агелер во проштално писмо

Во оваа земја има нешто магично — нејзината восхитувачка убавина, нејзината историја, традиција и култура; нејзините контрадикторности, како и извонредната отпорност и изненадувачкиот хумор на нејзините луѓе пред големи предизвици и длабоки загуби, вели отповиканата амбасадорка на САД во писмото до македонските граѓани

Фото: Влада на РСМ

 

Отповиканата амбасадорка на САД во Македонија, Анџела Агелер, објави отворено проштално писмо до македонските граѓани,

Агелер е меѓу 30 амбасадори на САД поставени во времето на претходната претседателска администрација на Џо Бајден, кои актуелниот претседател Доналд Трамп неодамна ги отповика.

Во писмото, Агелер ја фали земјава и нејзините граѓани и прави ретроспектива на случувањата за време на нејзиниот мандат во Македонија.

Еве го во целост нејзиното обраќање до македонските граѓани:

„Драги пријатели,

Пред три години пристигнав во Скопје како десетти амбасадор на Соединетите Американски Држави во оваа прекрасна земја. Тогаш, како и денес, се чувствував понизно и длабоко почестено од исклучителната привилегија да ја претставувам мојата голема нација во вашата.

Кога ја презедов оваа должност, реков дека имам огромна вера во силата и храброста на граѓаните на Северна Македонија. Оттогаш, таа вера многупати беше оправдана, обновена и зацврстена.

Исто така, нагласив дека цврсто верувам оти токму тогаш е моментот да се направи вистинска разлика — да се зајакнат економскиот раст, енергетската независност, интегритетот на судството, извонредноста во образованието, отпорноста на културата и европската интеграција. Во одредени области, работејќи тесно заедно, постигнавме реален напредок. Во други, работата продолжува.

Годината 2025 ја одбележа 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Македонија, иако нашето партнерство датира и од порано. Повеќе од три децении, заедно му покажувавме на светот што можат да постигнат силата, компромисот и трпеливата решителност. А во изминатите три години, ги покажавме и многу конкретните и опипливи резултати на тоа како изгледаат вистинското пријателство и конструктивното партнерство.

Тоа значи реалистичен план за исполнување на обврските во рамки на НАТО како сериозен сојузнички партнер; набавка на современи тактички возила што се користат во големи мултинационални воени вежби на Криволак или во земји партнери на НАТО. Тоа значи значаен напредок на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата, кој ќе ги отвори стратешките коридори 8 и 10 на НАТО кон поголема регионална безбедност и значително унапредена трговија меѓу соседите.

Тоа значи јавно посочување на корупцијата и криминалните организации, придонес кон судските реформи и тогаш кога повратот на вложениот труд бил скромен, како и санкционирање на оние што со години неказнето краделе од вас. Тоа значи работа на создавање можности и надеж во заедници каде што и двете биле згаснати. Тоа значи поттикнување вистински економски раст, реален напредок во инфраструктурните и енергетските проекти и соработка за обезбедување физибилити-студии што го олеснуваат развојот на ресурсите од ретки земни минерали, сајбер-безбедноста и одговорното управување со животната средина. Тоа значи соработка во областа на технологијата, здравството, транспортот, разузнавањето и образованието. Тоа значи зачувување на вашето културно наследство со почитта што ја заслужува како светско богатство. И на многу од овие полиња постигнавме напредок.

Во овие три години, нашето партнерство прерасна во вистинско и длабоко пријателство со многумина од вас што ги сретнав низ целата земја. Ме пречекавте во вашите училишта, цркви, судници, домови, фарми и винарии. Понекогаш водевме тешки и отворени разговори за прашања што се длабоко важни за двете наши земји и не секогаш се согласувавме — и тоа е во ред. Со мене ги споделивте вашите соништа, вашата визија за оваа земја што ја сакате, вашите фрустрации, па дури и тагата по оние што сте ги изгубиле.

Секогаш ќе ги чувам како драгоцени приказните, соништата, визиите, мудроста, фрустрациите и радоста што ги споделивте со мене.

Во оваа земја има нешто магично — нејзината восхитувачка убавина, нејзината историја, традиција и култура; нејзините контрадикторности, како и извонредната отпорност и изненадувачкиот хумор на нејзините луѓе пред големи предизвици и длабоки загуби. Сето тоа го споделивте со мене и ја напуштам Северна Македонија со чувство на огромна благодарност за вашите бројни добрини, за вашата неизмерна дарежливост и за силата што знам дека ја имате да ја надминете секоја пречка што ќе ви се најде на патот.

Соединетите Американски Држави СЕКОГАШ ќе бидат покрај вас, верувајќи — како и многумина од вас — во сонот за посилен, попросперитетен, побезбеден и целосно интегриран евроатлантски партнер и сојузник.

Ве оставам со последна порака на надеж: ова е ваша земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонувате дека може да биде. И по три години, сè уште ја негувам огромната вера што ја имам во силата и храброста на граѓаните на Северна Македонија. Бидете добро, бидете храбри, бидете силни — и јас ќе навивам за вас на секој чекор.

Со почит,
Анџела П. Агелер.“

ПредходнаТрамп објаснува како се појавила модринка на раката поради високи дози на аспирин
СледнаБарањата за бојкот на американски производи станаа хит во Данска