дома Македонија Општество Жива и сребро во каналот кај Таор: Отпадните води од четири општини...

Жива и сребро во каналот кај Таор: Отпадните води од четири општини повторно го разоткрија системскиот еколошки проблем

Загрижувачки концентрации на жива и сребро се регистрирани во површинските води на одводниот канал кај селото Таор, локација која во ноември минатата година ја вознемири јавноста поради појавата на необична бела пена. Анализите ги спровел Институтот за јавно здравје по барање на АД „Водостопанство“.

Покрај тешките метали, лабораториските испитувања покажале и зголемено присуство на термотолерантни колиформни бактерии, како и покачени вредности на нитрити, што, според експертите, укажува на сериозно и долготрајно загадување на водата.

Од Државниот инспекторат за животна средина за СДК изјавиле дека присуството на жива е особено загрижувачко, бидејќи станува збор за исклучително токсичен елемент кој може да има сериозни последици врз живиот свет и здравјето на луѓето.

„Констатирани се зголемени концентрации на жива, што претставува реален ризик. Препораката на Институтот за јавно здравје е состојбата континуирано да се следи. Дополнително, забележано е и присуство на сребро и нитрити во количества повисоки од вообичаените“, велат од Инспекторатот во изјава за СДК.

Според надлежните, проблемот не е изолиран случај, туку последица на системски пропусти. Во одводниот канал кај Таор се слеваат отпадните води од неколку скопски општини – Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец – а Скопје сè уште нема функционална пречистителна станица за третман на отпадни води.

Инцидентот со белата пена беше регистриран на 21 ноември, веднаш по активирањето на пумпите од системот за одводнување на Скопско Поле. Тогаш, како што информираа од Инспекторатот, визуелно било забележано можно хемиско загадување кое потенцијално може да се прелее и во реката Вардар.

Иако институциите најавуваат засилен мониторинг и дополнителни анализи, еколошките организации предупредуваат дека без системско решение и изградба на пречистителна станица, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат.

Според нив, случајот со Таор уште еднаш ја отвора темата за долгогодишната негрижа кон водните ресурси и отсуството на превентивен надзор, поради што загадувањето најчесто се констатира дури откако штетата веќе е направена.

Racin.mk

ПредходнаЗошто тогаш сите Американци се преселија во Калифорнија?
СледнаСудење на осуммината за заговор за создавање нацистичка држава