– Американската полиција уапси околу 100 свештеници кои демонстрираа против спроведувањето на законите за имиграција на најголемиот аеродром во американската држава Минесота, Минеаполис-Сент Пол, објавија организаторите на протестот синоќа.

„Околу 100 свештеници“ се уапсени, изјави Тревор Кохлин, претставник на организацијата „Вера во Минесота“, која е еден од организаторите на протестот на меѓународниот аеродром Минеаполис-Сент Пол.
Во исто време, илјадници луѓе се собраа во центарот на Минеаполис, и покрај арктичките температури, на протести со кои бараат агентите на Службата за имиграција и царина (ICE) да ја напуштат Минесота, пренесува АП.
Протестите се дел од пошироко движење против мерките за имиграција низ целата држава, каде што синдикатите, прогресивните организации и свештенството ги повикаа жителите на Минесота да се приклучат на штрајкот и да не одат на работа, на училиште, па дури ни на продавници во Минеаполис и главниот град на Минесота, Сент Пол.
Портпаролот на градската комисија за аеродроми, Џеф Ли, изјави дека демонстрантите биле уапсени пред главниот терминал затоа што излегле надвор од областа каде што им било дозволено да протестираат и го попречиле работењето на авиокомпаниите.
Демонстрантите се собираат секојдневно во Минеаполис и Сент Пол од 7 јануари, кога Рене Гуд беше смртно застрелан од полицаец на ICE.
Организаторите вчера изјавија дека повеќе од 700 бизниси низ целата држава се затворени во знак на солидарност со движењето.




