Снег падна во делови од Тексас, Оклахома, Канзас и на источниот брег на САД во петокот, најавувајќи голема зимска бура што ќе се развие од Карпестите Планини до крајот на источниот брег во текот на викендот, според прогнозите, заедно со доаѓањето на леден арктички бран, соопштија денес американските власти.

Метеоролошките служби најавија обилни снежни врнежи, замрзнат дожд и многу ниски температури што ќе влијаат на две третини од источниот дел на САД со очекувани прекини на електричната енергија и прекини во сообраќајот, објавува Ројтерс.
Главните американски авиокомпании ги предупредија патниците да бидат внимателни поради ненадејните промени и откажувањата на летовите.
„Ова е ужасна бура“, рече Џејкоб Ашерман, метеоролог во Центарот за предвидување на времето на САД во Мериленд.
Најмалку 16 американски држави прогласија вонредна состојба во петокот во очекување на бура што ќе го погоди поголемиот дел од САД, носејќи обилни снежни врнежи и арктички температури, објави ABC синоќа.
Досега, вонредна состојба е прогласена во Алабама, Арканзас, Џорџија, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Мисисипи, Мисури, Њу Џерси, Њујорк, Северна Каролина, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас и Вирџинија, а и главниот град Вашингтон прогласи вонредна состојба.




