Судските институции низ цела Италија предупредуваат на пораст на малолетничката деликвенција, со растечки број на насилни и сексуални злосторства во кои се вклучени малолетници, според извештаите од апелационите судови од Милано до Катанија.

Јавната обвинителка на Милано, Франческа Нани, објави дека во последните 12 месеци има зголемување од 40 проценти на злосторствата против сексуалната слобода, имено злоупотреба и насилство врз основа на пол извршено од малолетници, според Анса.
Нани, исто така, истакна дека „за прв пат во последните години“ се регистрирани случаи на убиство и фемицид во кои сторителите се под 18 години.
Таа, исто така, наведе пораст на киднапирањата и грабежите, што го припишува на „значајното присуство на малолетници без придружба“ и „девијантни групи“ во предградијата на Ломбардија, познати како „маранца“.
Во Катанија, вршителот на должноста претседател на Апелациониот суд, Џовани Ди Пјетро, предупреди на „екстремно високи стапки на малолетничка деликвенција“, поврзани со „алармантни“ бројки за лицата што го напуштаат училиштето, кои ги нарече „Гинисов рекорд“.
Во Рим и регионот Лацио, државниот обвинител Џузепе Амато ја оцени ситуацијата во малолетничките затвори како „драматична“, наведувајќи дека бројот на затвореници се зголемил за 50% за помалку од три години.
Амато, исто така, го истакна растот на бројот на малолетници вклучени во трговијата со дрога, особено кокаин и крек.
Во Неапол, државниот обвинител Алдо Поликастро изјави дека во 2025 година се регистрирани осум убиства, 40 случаи на поврзаност со Камора, 468 случаи на оружје и четири случаи на тероризам, истакнувајќи дека пукањата и убиствата меѓу многу млади луѓе никогаш не биле толку чести.
Во Емилија-Ромања, обвинителите изразија загриженост за зголемувањето на носењето ножеви кај адолесцентите, додека во Перуџа, државниот обвинител Серџо Сотани рече дека насилството станува „вообичаена форма на комуникација меѓу младите“, вклучувајќи онлајн малтретирање, улични тепачки и физички напади.
Во Анкона, малолетничкиот суд се соочува со можноста за прекинување на рочиштата поради недостаток на персонал.
Апелационите судови во Италија укажаа на зголемената сериозност и распространетост на малолетничкиот криминал, што бара зголемени превентивни мерки и дополнителни ресурси во правосудниот систем.




