дома Македонија Економија Владата реши да преговара само со УПОЗ, ССМ останува на барањата за...

Владата реши да преговара само со УПОЗ, ССМ останува на барањата за платите

Владата и УПОЗ се согласија да се видат во четврток за зголемување на платите за 40 проценти за државните службеници, но останува отворено прашањето што со останатите плати кои, како што бара Сојузот на синдикати, треба да се зголемат за 100 евра, а минималната плата на 600 евра.

Претседателот на ССМ вчера во просториите на Работничкиот дом го чекаше премиерот да дојде и да потпише договор за зголемување и на минималната и на останатите плати, откако во петокот му упати јавна покана за средба преку медиумите.

До средба не дојде, а од Владата го обвинија ССМ за создавање лажна слика за социјалниот дијалог.

– Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот, посочија од Владата.

На повикот за средба во ССМ и потпишување на договор за зголемување на платите, премиерот одлучи да се состане само со Синдикатот на УПОЗ и со тоа да го реши проблемот со платите на 7.800 државни службеници на кои таа им е работодавач.

Јовановиќ: Обид да се разбие единството на синдикатот, Општиот колективен договор е извор на моќта на синдикатот 

Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ во изјава за „Проверено“ вели дека понудата на премиерот Мицкоски за 40 проценти зголемување на платата на државните службеници, е обид да се ублажи незадоволството кај работниците по протестот што го организираше ССМ, а кој беше масовен и граѓаните недовосмислено ги поддржаа барањата на Синдикатот.

– Мислам дека тука се крие едно кукавичко јајце или тројански коњ, односно обид да се разбие единството на синдикатите и да се намали нивната моќ. Пробува да придобие некои синдикати на негова страна, ако на некои им се види понудата примамлива, тие да го прифатат ова божемно етапно зголемување на платата, а за возврат да се откажат од некои одредби од Општиот колективен договор, кој е изворот на моќта на синдикатот моментално, нагласува Јовановиќ.

Зголемувањето на платите за 40 проценти за државните службеници, според зборовите на премиерот Мицкоски е условено со тргање на делот за плати од Општиот колективен договор, кој, според него, е збунувачки и за кој треба да се преговара.

Јовановиќ предупредува дека синдикатите не смеат да си дозволат да прифатат договори за наводни зголемувања на платите, а за возврат да се тргаат одредби од ОКД.

– Ако евентуално го прифатат дилот, синдикатите ќе си ја исечат гранката на која седат – ќе си ја намалат моќта, без притоа да имаат било каква гаранција дека Владата ќе си стои на зборот за идните покачувања на платата, вели Јовановиќ.

Ова, според Јовановиќ, се прави од две намери. Првата е како што вели народната – раздели, па владеј, односно да се разбие синдикалното единство, да им ја намали моќта, за полесно да може да се манипулира, а втората е да се постават свои синдикати како грански, кои потоа ќе прифаќаат помало зголемување на платите.

– Главната цел му е да го ослабне и преземе синдикалното движење. И затоа мислам дека Сојузот на синдикати и другите поголеми синдикати, не смеат да наседнуваат и мора да останат здружени затоа што само додека се здружени, можат да опстанат, оценува Јовановиќ.

ССМ останува на своите барања – зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра. Протестот што го организираа беше првиот чекор, најавуваат блокади, генерален штрајк и собирање на 10.000 потписи за законски измени за намалување на функционерските плати за 80 проценти.

 

 

 

ПредходнаПречек на хрватските ракометари на плоштадот во Загреб
СледнаКрај на примирјето: Русија изврши напади со балистички ракети врз Киев, Днепар и Харков