дома Магазин Сите споделуваат видео од пингвин старо 20 години. Зошто?

Сите споделуваат видео од пингвин старо 20 години. Зошто?

На социјалните мрежи се појави нов вирален тренд, а во неговиот центар е клип од осамен пингвин. Иако доаѓа од документарец стар речиси две децении, сцената стана онлајн симбол на упорност, но и на еден необичен нихилизам. Видеото го прикажува пингвинот како решително ја напушта својата колонија и се упатува кон непознатото, а милиони луѓе ги препознале своите чувства во него.

Клипот е од документарецот од 2007 година „Средби на крајот од светот“ на познатиот германски режисер Вернер Херцог. Филмот го прикажува животот на Антарктикот и го доловува она што изгледа како момент на необично однесување на пингвин кој се одвојува од својата колонија и се упатува кон планините, оддалечени повеќе од 70 километри, сосема спротивно на неговиот природен пат до храна, пишува Форбс.

Херцог, кој е и наратор во филмот, со својот препознатлив тон објаснува дека секој обид за спасување би бил бесмислен бидејќи пингвинот би се свртил и би продолжил да оди кон сигурна смрт. „Нема да се упати кон местата за хранење на работ на мразот, ниту да се врати во колонијата“, вели тој во филмот. „Набргу потоа го гледаме како се упатува директно кон планините, оддалечени околу седумдесет километри… Исчезнува во внатрешноста на континентот. Пред него има уште пет илјади километри – упатувајќи се кон смртта“.

Иако сцената циркулираше онлајн со години, таа експлодираше во популарност на TikTok дури во јануари 2026 година. Корисниците го комбинираа клипот со драматична верзија на песната L’Amour Toujours од Џиџи Д’Агостино, изведена на црковни оргули. Поради отфрлањето на инстинктите за преживување, пингвинот беше наречен „нихилистички“, а мемот брзо се прошири на TikTok, Instagram, X, Facebook и други платформи.

Симбол на нашето време

Зошто токму овој пингвин привлече толку многу внимание? Во денешниот контекст, тој стана симбол на емоционално исцрпување, повлекување и тивок бунт против притисоците од секојдневниот живот. Додека Херцог го опиша како „марш на смртта“, корисниците во него видоа филозофска порака. Пингвинот стана олицетворение на свесниот нихилизам – идејата дека животот нема смисла или цел.

Мемето се шири со натписи како „Кога ќе ви биде доста“, „Јас си одам“ или „Тој знае нешто што ние не го знаеме“. Црниот хумор и опуштениот нихилизам совршено се вклопуваат во духот на 2026 година, а многумина веруваат дека неговата популарност е поврзана и со глобалните бури и политичките немири.

Набрзо го примија политичарите, вклучително и членовите на администрацијата на Трамп. Официјалните профили на Белата куќа објавија варијации на мемот генерирани од вештачка интелигенција, на кои се гледа пингвин како оди покрај Доналд Трамп кон планините , а во позадина се вее знамето на Гренланд. Ваквите објави предизвикаа остри реакции и критики за користење на мемот за политички цели.

Брендовите се приклучија на трендот

Популарноста на мемот брзо беше препознаена од многу брендови. Компании како Lidl и dm објавија свои верзии, прилагодени на нивниот тон на комуникација. Во ваквите објави, пингвинот „оди“ да земе производи на распродажба, давајќи ѝ на сериозната и донекаде темна сцена од документарецот лесен, хумористичен маркетиншки пресврт.

Ваквите кампањи дополнително го зацврстија статусот на пингвинот како интернет феномен и покажаа колку брзо може да се промени значењето на еден документарен снимка во дигиталната култура.

Повеќеслојно значење

Клипот стана еден вид Роршахов тест – додека некои го гледаат како приказна за отуѓеност и загуба, други го толкуваат како чин на храброст и потрага по нешто ново. Иако Херцог сугерира дека пингвинот веројатно умрел, научниците веруваат дека ова однесување е резултат на дезориентација, болест или повреда, а не на филозофски импулси.

Но, токму оваа двосмисленост дополнително ја зголемува привлечноста на мемот. Нихилистичкиот пингвин можеби е едноставно животно под стрес – или можеби е симбол на подлабока човечка желба за бегство. Во секој случај, тој станал необична филозофска фигура, типична за опусот на Херцог, во кој многумина препознале дел од себе.

ПредходнаФрлена бомба врз куќата на Здравко Чолиќ
СледнаХороскопски знаци кои обожаваат да читаат