дома Македонија Политика Мицкоски се сретна со Вајц, па ги свика министрите на вечерен состанок...

Мицкоски се сретна со Вајц, па ги свика министрите на вечерен состанок за реформската агенда

– Денес остваривме средба со известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц. Разменивме мислења за актуелните политички и реформски процеси, европската агенда на државата, како и за предизвиците и можностите во процесот на евроинтеграција – објави Мицкоски.

Посебен акцент на разговорите, како што наведе премиерот, бил ставен на владеењето на правото, институционалната стабилност и продолжувањето на реформите со цел усогласување со европските стандарди.

Нешто подоцна, Мицкоски на „Фејсбук“ се пофали и дека вечерва во Владата се одржал состанок поврзан со реформската агенда за членство во Европската унија, на кој учествувале тој и министрите.

„Вечерва одржавме состанок посветен на реформската агенда, со фокус на конкретни чекори за унапредување на институционалната ефикасност, владеењето на правото и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, објави Мицкоски на „Фејсбук“.

Тој наведува дека реформите „не се декларација, туку обврска – процес што бара одговорност, соработка и јасна визија за иднината“.

„Продолжуваме посветено да работиме на реални и одржливи решенија“, додава премиерот, без да открие на кои конкретни точки од реформската агенда им бил посветен ноќниот состанок во Владата.

ПредходнаЧествување на великанот: Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме Македонија
СледнаМВР рации во Скопје и Струмица со врска со опојна дрога