дома Култура „(С)обувки“ – Излегува првата македонска илустрирана, без зборови сликовница

„(С)обувки“ – Излегува првата македонска илустрирана, без зборови сликовница

 Издавачката куќа „Арс Ламина“ на 20 февруари ќе ја промовира првата нема сликовница во Македонија насловена „(С)обувки“.

„(С)обувки“ - прва македонска нема сликовница во издание на „Арс Ламина“-Станува збор за сликовница без зборови што ја раскажува својата приказна исклучиво преку илустрации, оставајќи му целосна слобода на читателот сам да ја досоздаде. По идеја на Оливера Ќорвезироска и со илустрации на Наталија Лукомска, оваа визуелна приказна нè води низ магична редица од обични луѓе и ликови од бајки и познати книжевни дела, кои боси чекорат кон најдобриот чевлар на светот. Таму секој ги пронаоѓа своите совршени обувки, освен девојчето од соседството, за кое остануваат чевли со високи потпетици. Но, на девојчето тие многу му се допаѓаат – ги обува и среќно излегува од приказната, соопшти издавачката куќа.

На промоцијата в петок од 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“, писателите Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Ермис Лафазановски и Никола Маџиров ќе ја прочитаат книгата на свој начин.

-„(С)обувки“ е експеримент создаден со радост и љубопитност – обид да се направи првиот чекор кон најмладиот илустративен жанр во светот. Како и секоја нема сликовница, и оваа мечтае да биде прочитана иако во неа нема ниту еден единствен збор. Сликовниците без текст се еден од најмладите жанрови на илустрирани книги. Тие се свежи, поттикнувачки и повеќекратно обединувачки: ги надминуваат јазичните бариери бидејќи не користат јазик и не им треба превод. Овие сликовници не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за многу можни читања, наведува „Арс Ламина“ во соопштението.

ПредходнаПочина актерот Роберт Дувал, добитник на Оскар и две награди Еми
СледнаПремиерот до Јадран лета со владиниот авион, а нема пари за 600 евра минималец – велат од СДСМ