Премиерот Христијан Мицкоски вечерва за Канал 5 откри дека во игра за државен јавен обвинител се три имиња од предложените четворица кандидати од Советот на јавни обвинители. Меѓу кандидатите не е името на обвинителката Ленче Ристовска.
– Апсолутно не се сите во игра и мојот став е дека тоа име не е во игра, рече Мицкоски во емисијата „Само интервју“.
Ристовска беше една од четворицата кандидати предложени од Советот на јавни обвинители која ги исполнуваше условите за државен јавен обвинител.
На почетокот на месецов, Ристоска во телевизиско интервју рече дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала. Посочи дека на огласот се пријавила не за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет. Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител се случи во период на нејзин отворен конфликт со премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ристовска веќе извесен период е во судир со власта и најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ по едно интервју на премиерот Мицкоски. Ристовска ги застапува и обвиненијата во случајот „Талир, обвинение за имотот на ВМРО ДПМНЕ.




