дома Култура „Бесмртна љубов“: Разгледницата на Рацин до неговата Раца

„Бесмртна љубов“: Разгледницата на Рацин до неговата Раца

Државниот архив нѐ потсетува на „Бесмртна љубов“ – исконско сведоштво за чувствата на Кочо Рацин кон неговата Раца, преку една од разгледниците што ѝ ги испраќал на Рахилка Фирфова.

Разгледницата е дел од архивското богатство што денес го чува Државен архив на Република Северна Македонија и претставува интимно сведоштво за љубов што опстојувала меѓу зборовите, далечината и времето. Во неа има искрена човечка топлина – Рацин не ѝ пишува како поет што ќе влезе во историјата, туку како човек што сака нежно и внимателно, со мисла што постојано ѝ се враќа.

kocho raczin razglednicza

Меѓу редовите се чувствува љубовта, копнежот, грижата и надежта. Секој збор е личен, секоја реченица мост меѓу две срца. Тука Рацин не е само авторот на Бели мугри, туку вљубен маж што верува дека љубовта може да ги надживее разделбите и немирните времиња.

„Откинувам од срце атом болка и ти го давам на тебе да го претвориш во сладост… Тоа е мојот одговор на сите мои будења и копнежи по тебе – кои ги награди со молк… Сепак знај: мојата душа секогаш ќе го крие твојот лик во себе… секогаш…“

Оваа разгледница денес не е само интимна порака, туку и културно-историски документ. Таа сведочи дека зад големите имиња стојат вистински чувства, треперења и соништа. Токму ваквите зборови нѐ потсетуваат дека љубовта е вечна – дека може да се слави и чува преку зборови, спомени и нежност, оставајќи трага што инспирира и денес.

ПредходнаЅвездан Георгиевски: Во Македонија тешко се воспоставува традиција, ама затоа лесно се урива.
СледнаКомедијата „Кец на десетка“ ќе одбележи јубилеј – 100-та изведба