Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Поради обилни врнежи од снег од 6.50 часот е воведена забрана за сообраќај на камиони на патните правци крак Маврово – Дебар и Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража, соопшти ЈП „Македонијапат“.
-Врнежи од снег со променлив интензитет има и на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот превој Стража. Сите патни правци во државата се проодни. На одредени патни правци кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони, информира „Македонијапат“.
Автомотосојузот на Македонија соопшти дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Временска прогноза
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег.
Според прогнозата на УХМР, врнежите ќе бидат пообилни во западните делови од државата. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се движи од -2 до 5 степени, а дневната од 1 до 11 степени.




