дома Култура Само шест романи во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“

Само шест романи во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“

Шест романи влегоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2025 година. Станува збор за делата: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: роман за верижната вина“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или-или“), „Три Марии: роман-басма“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).

Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав: Калина Малеска (претседателка на жирито и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева.

Од жирито посочуваат дека годинава конкуренцијата меѓу објавените романи е особено изедначена, што се гледа и од фактот дека во најтесниот избор влегоа дури шест дела – веројатно најмногу во историјата на наградата.

Името на добитникот ќе биде соопштено на прес-конференција на 13 март во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.

Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а поддршка дава и Министерството за култура и туризам.

Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“. Свеченото врачување на наградата годинава е најавено за средината на мај.

ПредходнаПронајден умрен млад затвореник од скопскиот затвор Шутка
СледнаСловенечки избори: Либерална или нелиберална демократија