Ненад Савески е предлогот на Владата за нов државен обвинител. Одлуката ја донесе Владата на денешната седница.
Савески треба да биде изгласан во Собранието со најмалку 61 глас со што ќе стане првиот човек на државното Обвинителство.
Савески ќе треба да го наследи Љупчо Коцевски кој во декември даде оставка од функцијата откако беше поднесена негова интерпелација од страна на пратеници од владејачкото мнозинство.
Во меѓувреме, функцијата ја извршуваше в.д. обвинителката Анита Тополова-Исајловска, која исто така беше меѓу кандидатите во актуелната постапка.
– Предлогот се темели на стручни оценки и мислења од Советот на јавни обвинители. Одлуката е донесена врз основа на внимателна анализа на стручноста на кандидатот, изјави владината портпаролка Марија Митева.
Митева избегна конкретно да одговори дали Владата ги разгледала четирите кандидати за оваа функција.
– Имаше конструктивна дискусија. Владата одлучи да го избере овој кандидат кој смета дека ќе придонесе за зајакнување на правосудниот систем, рече Митева.
Премиерот Христијан Мицкоски во телевизиско гостување на Канал 5 неодамна изјави дека обвинителката Ленче Ристовска не е во игра за државен јавен обвинител.
За позицијата државен јавен обвинител конкурираа пет кандидати од кои четворица добија позитивно мислење од страна на Советот на јавни обвинители и беа испратени како предлог до Владата.
Освен Савески, меѓу кандидатите беа и Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ.
Петмина кандидати се пријавија на огласот на Собранието за јавен обвинител – сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Советот на јавните обвинители на 17-ти минатиот месец даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител – за в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ, додека пак, за кандидатурата на Владимир Панчевски едногласно одлучи дека тој не ги исполнува условите предвидени со законот во однос на работниот стаж.
Инаку, на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.
Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител




