Малото мајмунче гибонче Мики, жител на скопската Зоолошка градина, кое како бебе беше отфрлено од мајката, полни една година. По тој повод во четврток ЗОО Скопје организира прослава поканувајќи ги сите оние што сакаат да се запознаат со ова мало гибонче.
– Мики како бебе, на возраст од само неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во тие најкритични моменти, неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба. Нашата зоонегувателка Зера, 24 часа дневно беше покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче, се наведува во објавата од ЗОО Скопје.
Преку прославата, велат од ЗОО Скопје, сакаме да ја споделиме неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетиме дека гибоните се загрозен вид кој има потреба од заштита.
– Овој настан е и можност да им оддадеме искрено признание и благодарност на сите кои беа дел од неговото спасување, но најмногу на нашата колешка Зера за нејзината неверојатна пожртвуваност, како и на целиот тим кој учествуваше во неговото лекување, рехабилитација, социјализација и секојдневна грижа, се вели во објавата.




