„Постојат актери кои влегуваат на сцена и постојат актери кои ја носат сцената со себе. Кили беше од вторите“, рече Никола Кимовски, директор на Македонскиот народен театар..
Сепак, Кирил Поп Христов не беше само актер, тој беше јавна личност кој со својот непосреден дух и искреност, љубопитност, луцидност и бескромпромисен став ја обликуваше нашата културна и општествена сцена. Смислата за хумор и непредвидливост секако беа негов белег, со овие зборови неговите пријатели и колеги деновиве се простуваат од него, паметејќи го како човек кој не се плашеше да говори отворено.
„Неговата животна патека беше подеднакво немирна и слободна, како и неговиот сценски темперамент. Кили беше човек кој никогаш не престана да бара нови хоризонти. Можеби затоа и денес кога зборуваме за него чувството не е дека се збогуваме“, рече Никола Кимовски, директор на Македонскиот народен театар.
Кирил Поп Христов беше човек со кој не мораше секогаш да се согласиш, но мораше да го почитуваш, затоа што зад таа негова жестокост стоеше искрена љубов кон театарот,се сеќаваат неговите колеги.
„Можам да кажам дека Кили беше посебен, не само посебен туку меѓу посебните најпосебен. Со неговиот мултиталент, неговите способности на сцената, во музиката, во уметноста воопшто. Покрај неговите изиграни улоги, одлично изиграни улоги он знаеше да го чува и да го следи својот животен лик, ликот на Кили. Гордо и храбро го играше до крајот ликот на Кили“ истакна Даница Георгиевска, актерка во МНТ.
Но неговата спонтаност, непосредност и енергија на различни настани и радио емисии со различни профили на гости се нешто што се памети.
Беше човек кој кога ќе седнеше на пијаното, се претвораше во музичар од светските сцени на кои е достоен, забележа актерката Арна Шијак.
„Кили нам би ни рекол HASTA LA VISTA , BABY . А јас би ве замолила да му дадеме голем и достоинствен аплауз на нашиот Кили. Слава му !“, порача актерката во МНТ Арна Шијак.




