Денес на Земјата се очекуваат умерени до силни геомагнетни бури од ниво G2-G3 поради пристигнување на сончева плазма, објавија руските научници, наведувајќи дека нарушувањата би можеле да траат околу шест дена.

Лабораторијата за сончева астрономија на Институтот за вселенски истражувања на Руската академија на науките и Институтот за соларно-терестријална физика објавија дека се забележани првите јасни знаци за пристигнување на исфрлената сончева плазма во орбитата на Земјата, пренесува Интерфакс.
„Доцнењето во споредба со прогнозата беше околу пет часа. Земјината магнетосфера досега не реагираше на ударот, но речиси е сигурно дека е само прашање на време“, се вели во соопштението.
Се наведува дека претходно прогнозирано достигнување на геомагнетните бури од ниво G2-G3 се очекува во текот на денот.
Исто така, проценката дека вкупното времетраење на нарушувањата ќе биде околу шест дена останува на сила, нагласуваат научниците.
Тие додаваат дека точното време е тешко да се предвиди, бидејќи станува збор за сложен настан со голем број надворешни фактори, вклучувајќи го и влијанието на короналните дупки. Според нивните проценки, обид за зголемување на еруптивната активност би можел да започне следната недела, кога неколку групи сончеви дамки ќе се појават на страната на Сонцето свртена кон Земјата.




