Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето против Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана која на 2 март заедно со нејзината шестгодишна ќерка изврши самоубиство по години поминати со семејно насилство.
За случајот било запознато и училиштето каде учела Катја за што денеска сведочеше нејзината наставничка.
Според нејзиното сведочење, првпат слушнала за ова на родителскиот состанок на кој наместо родителите на Катја присуствувала нејзната баба, мајка на Ивана по што бил информиран училишниот психолог кој побарал да се следи состојбата на девојчето.
Катја уште во една ситуација преку детска игра покажала дека живее во дом со семејно насилство.
– По неколку дена, во училницата девојчињата играа игра и забележав дека Катја падна на подот и ги прашав дали играат некоја игра во вид на драматизација на некоја приказна, Катја рече дека кога татко ѝ ја удирал мајка ѝ, така таа паѓала.
Веднаш го известив психологот на училиштето и психологот разговараше со Катја. Катја рекла дека нејзините родители се разделени и дека таа е со мајката. Психологот ја повика и Ивана, мислам дека беше 16 септември, и психологот ми рече дека ѝ било укажано на Ивана каде да се обрати при семејно насилство и ми рече да внимаваме на Катја, сведочеше наставничката.
Според неа, девојчето не покажувало знаци на вознемиреност или потиштеност, а од училиште најчесто била земана од нејзината мајка или од бабата.




