дома Локално Состојбата со Рашче е стабилна, се испитуваат три позиции во Скопје, кои...

Состојбата со Рашче е стабилна, се испитуваат три позиции во Скопје, кои би биле алтернатива

  Почнати се испитувања на три нови позиции во Скопје, кои би била алтернатива за изворот Рашче, а Владата, во соработка со општина Јегуновце и Град Скопје, работи на отстранување на проблемот со дивата депонија, која се наоѓа над изворот – истакна денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на седницата на Советот посветена на советнички прашања.

– Во однос на изворот Рашче, сакам да истакнам дека се почнати испитувања на три нови позиции во градот Скопје, кои би значеле алтернатива за изворот Рашче. Тоа се пообемни операции што ќе се одвиваат во наредниот период, но се стратешки важни за водоснабдувањето на градот.  Засега нема опасност за Рашче, состојбата е стабилна, а водостојот е повисок отколку во изминатите 25 години – рече градоначалникот одговараќи на прашање на советникот Горан Арсов од СДСМ и коалицијата во однос на водоснабдувањето и дали се работи на изнаоѓање решенија за нови извори на вода, особено во летниот период.

Во однос на Јегуновце, истакна дека Владата со Општината работи во врска со остранување на проблемот со дивата депонија.

Проблемот со депонијата на поранешен „Југохром“ во Јегуновце повторно се врати во јавноста откога професорот Златко Илијоски предупреди дека таму има речиси 7.000 тони шестовалентен хром и дека локацијата мора да се третира како опасен отпад.

На прашањето на Арсов за тоа кога последен пат е извршена дератизација и каква е состојбата со глувците во Скопје, Ѓорѓиевски рече дека тоа е обврска на општините, веќе испратиле допис до најголемиот дел од скопските општини, повеќето имаат постапено, а според известувањата што ги добиле, другите ќе постапат во блиска иднина.

ПредходнаЈавен апел на Судскиот совет до новинарите и медиумите за избегнување на неосновано именување и таргетирање на судии
СледнаПо Мицкоски, и Османи им пишал на меѓународните партнери за протестот на студентите Албанци