Том Круз (61) ќе ја повтори својата улога како пилотот Пит „Маверик“ Мичел во третиот дел од хит серијата „Топ Ган“, објави „Индипендент“.

Актерот првпат го играше иконскиот лик во 1986 година, а се врати во 2022 година со „Топ Ган: Маверик“, кој стана еден од најголемите успеси на бокс-офисот во последните години, заработувајќи речиси 1,5 милијарди долари низ целиот свет.
Според „Варајати“, „Парамаунт пикчерс“ веќе дале зелено светло за новиот проект . Се очекува Круз повторно да соработува со продуцентот Џери Брукхајмер, а сценариото му е доверено на Ерен Кругер.
Одлуката на студиото не е изненадувачка со оглед на успехот на претходниот филм, но покрена прашања во индустријата. Причината е што Круз потпиша договор со „Ворнер Брос“ во 2024 година. Сепак, договорот не е ексклузивен, што му овозможува да продолжи со учеството во франшизата на „Парамаунт“.
Покрај комерцијалниот успех, „Топ Ган: Маверик“ доби и значајни критички пофалби, вклучувајќи ја и номинацијата за Оскар за најдобар филм. Режисерот Стивен Спилберг коментираше дека толку големото продукциско присуство во категоријата е позитивен знак за индустријата, повлекувајќи паралела со „Темниот витез“ на Кристофер Нолан.
Во својата рецензија за „The Independent“, критичарката Кларис Лафри го нарече филмот „вистинско продолжение“ кое успева да го задржи духот на оригиналот, а воедно да ги задоволи очекувањата на модерната публика. Таа рече дека продукцијата има позрел пристап и ја избегнува прекумерната носталгија што е карактеристична за многу модерни наслови.




