Постојат патувања што не се мерат со изминати растојанија, туку со трепетот на душата пред допирот со светињата. На едно такво свето поклонение деновиве се наоѓа нашиот возљубен Старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од своето братство и сестринството – поклонение на светињи на богатиот со христијанска историја Апенински полуостров, по патеките облагородени од молитвите и подвизите на древните Отци и запечатени со сведоштвото на Христовите маченици, објавија на својата страница Бигорски .
Имено, со благослов на нашиот почитуван надлежен архиереј, Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, и со благонаклонета дозвола на Понтификалната базилика „Свети Николај“ во Бари, нашиот старец и владика г. Партениј отслужи Божествена Литургија во криптата на храмот, токму на местото каде што во свето безмолвие и чудодејствие почиваат чесните мироточиви мошти на нашиот отец меѓу Светиите, Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец. Со Старецот сослужуваа неговите браќа свештенослужители, отците Доситеј, Кирил, Анатолиј и Ефросиниј.
Богослужбата беше збогатена со умилителното и благодатно пеење на дел од псалтите од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, како и на нашите студенти по православна теологија при Универзитетот во Атина. А меѓу нив, заедно со сестрите монахињи и со многубројните притекнати верници, како невидлив, но жив и присутен домаќин, соучесник, сослужител и сомолитвеник беше и самиот Чудотворец – оној кого Црквата со возвишен глас го воспева како „правило на верата и образ на кротоста“, како брз застапник и топол молитвеник пред Престолот на Пресветата Троица.






