Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ги објави добитниците на годишните признанија за периодот меѓу двата саема, од мај 2025 до април 2026 година. Одлуките ги донесе стручната комисија на состанокот одржан на 8 април, по разгледување на пристигнатите апликации и печатените изданија.
Во категоријата за најдобра едиција, првото место ѝ припадна на едицијата „Современа теорија“ на издавачката куќа „Илика“, додека второто и третото место ги освоија „Големи зборови за мали уши“ („Арс ламина“) и „Дамар“ („Антолог“).
Наградата за најдобар дизајн на корица ја доби изданието „Крокодил“ од Фјодор М. Достоевски, со дизајн на Душан Дракалски („Гаврош“). Второнаградена е „Сатурнин“ со дизајн на Марко Трпески („Антолог“), а третото место ѝ припадна на „Бели ноќи“ од Достоевски, со дизајн на Љупка Стојкова („Три“).
За најдобро ликовно-графички уредено издание е прогласено списанието „Тригер“, број 1, уредено од Ема Велковска и Марија Смилевска („Култура бета“). Второто место го освои графичкиот роман „Тивка војна“ од Методија Стојановски („Чудна шума“), а третото „Кула крај море“ од Влада Урошевиќ („Антолог“).
Во категоријата најдобра книга за деца, првото место го освои „Памук“ од Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски („Гаврош“), пред „Девојчето со форичката“ од Ева Камчевска („Светулка“) и „Сам во рој“ од Иван Дричко (Сашо Кокаланов) („Арс ламина“).
Признанието за најкреативно издание ѝ припадна на „(С)обувки“ од Оливера Ќорвезироска и Наталија Лукомска („Арс ламина“), додека второто место го освои списанието „Тригер“, а третото „Годините“ од Ани Ерно („Илика“).
За автор на годината е прогласена Оливера Ќорвезироска, врз основа на нејзината популарност, влијание и меѓународна афирмација.
Во областа на општествената одговорност, првото место го доби сликовницата „Големиот сон“ од Денис Јанкуловски-Космонаутко („Прозарт медиа“), додека признанија добија и читачките клубови „Чудна шума“ и „Мама (ми) чита“, како и уредувачките работилници на „Илика“.
Специјалното признание за промотор на читачката култура му беше доделено на Здружението „Култура Бета“.
Комисијата која одлучуваше беше во состав: Кристина Н. Николовска, Александра Јуруковска и Лазе Трипков.




