дома Македонија Сиљановска-Давкова со порака: Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален...

Сиљановска-Давкова со порака: Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален капитал

Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален капитал, ако сакаме да ги задржиме тука, или да ги вратиме дома. Да сфатиме дека само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни, порача претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова во честитката упатена по повод Меѓународниот ден на трудот.

– Не смееме да заборавиме дека синдикалното организирање, правото на протест и социјалниот дијалог се предуслови за рамнотежа меѓу економските интереси и социјалната правда. Како претседателка на сите граѓани, потсетувам дека имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!, посочува Сиљановска-Давкова.

Одбележувањето на Денот на трудот во над 160 држави е вистински момент за соочување со сè уште актуелните прашања, вели Сиљановска-Давкова.

– Дали ги почитуваме општо прифатените норми на меѓународното трудово право?; дали сме само уставно, или и во стварноста социјална држава?; дали социјалната правда е идеал или реалност?; дали работничкиот труд е соодветно вреднуван, односно дали работниците се правично наградени за работата и можат да напредуваат согласно знаењето и вложениот труд?;  дали се безбедни и сигурни на работното место?; дали и зошто има случаи на присилна работа?; дали секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место?; дали секој вработен има право на платен дневен и неделен и годишен одмор?; каков е односот на колективните партнери кон колективните договори и правото на штрајк?, прашува претседателката на државата.

ПредходнаПочна првомајскиот протест на ССМ за поголеми плати
СледнаЛевица бара разрешување на директорката на училиштето каде се случи врсничкото насилство