Со транспаренти „За плата се бориме, не се молиме“, Долу капиталот, ослободување на трудот“ почна првомајскиот протест на Сојузот на синдикати на Македонија.
Протестот почна од пред Работничкиот дом во Скопје, а учесниците ќе се движат по добро познатата траса покрај Собранието, Стопанската комора на Македонија и Владата.
Исто како и на претходните два протести што беа организирани, ССМ и сега на Меѓународниот ден на трудот ќе побара од власта зголемување на платите за достоинствен живот на работниците.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, преку отворено писмо во пресрет на денешниот протест ги повика работниците да излезат порачувајќи им дека трудот што го вложуваат на своите работни места мора да биде соодветно платен, ценет и почитуван.
Протестот на ССМ не е поддржан од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Поради протестот, денеска во централното градско подрачје е воведен посебен сообраќаен режим.




