На сцената на Националната опера и балет вечерва во рамки на 54.издание на Мајските оперски вечери ќе биде изведена една од најзначајните музички драми „Риголето“ од Џузепе Верди.
Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, а режијата е на Пјер Франческо Маестрини, исто така од Италија. Сценографијата е потпишана од Гилермо Нова од Шпанија, а костимограф Кристина Ачети од Италија. Кореограф е Саша Евтимова, хор-мајстори Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, а концерт-мајстор Јане Бакевски.
Главната улога на Риголето ја толкува Даниеле Луис Де Висенте, а во улогата на Џилда ќе настапи Ана Дурловски. Војводата од Мантова ќе го толкува Дашуаи Чен од Кина, а во улогата на Спарафучил ќе настапи Владимир Саздовски. Во останатите улоги настапуваат Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ е длабока и возбудлива драма за човечката природа, која силно и емотивно ги открива темните страни на страста, моќта и моралот. Операта е особено позната по своите арии, меѓу кои и „La donna è mobile“, кои и денес се едни од најпрепознатливите и најизведуваните во оперската уметност.




