Оркестарот на Македонската филхармонија вечер во 19 часот ќе настапи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, со што ја продолжува мисијата за промоција на класичната музика во градовите низ државата.
Под диригентската палка на Бисера Чадловска, Македонската филхармонија ќе се претстави со музика од балети, а ќе бидат изведени Суита бр.2 од балетот „Лабин и Дојрана” од македонскиот композитор Трајко Прокопиев, Полонеза, Валс, Танц на четирите лебеди и Шпански танец од балетот „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски, Па де де од балетот „Дон Кихот“ на Лудвиг Минкус и „Валпургиска ноќ“, балетскиот дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно.
Гостување на оркестарот на Македонската филхармонија се реализира во соработка со градоначалникот на општина Струга, Менди Ќура.




