
Скриншот: КурирВишото јавно обвинителство во Белград претходно објави дека денес на територијата на општина Инѓија е откриено буре, во кое, се верува, би можеле да се наоѓаат останките на Александар Нешовиќ, кој беше убиен на 12 мај во белградскиот ресторан „27“, по што началникот на белградската полиција и уште 10 лица беа уапсени во афера која во последните денови достигна високо политичко ниво.
Во интервју за Радио Телевизија Србија вечерва, Вучиќ рече дека со веројатност од 99,9 проценти може да се претпостави дека телото на убиениот Нешовиќ е пронајдено во тоа буре, но дека сè уште се чека ДНК анализа.
Апсење на шефот на белградската полиција
Началникот на Полициската управа во Белград, Веселин Милиќ, поранешен советник на Вучиќ за борба против корупцијата и организираниот криминал, беше уапсен на 15 мај. Судот му изрече 30 дена притвор за неколку кривични дела, правно квалификувани како прикривање обид за убиство и спречување на расветлување на околностите на исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја на 12 мај, кого медиумите го поврзуваат со еден од криминалните кланови во Белград.
„Никој не е над законот и посилен од државата“, рече Вучиќ во интервјуто вечерва, нагласувајќи дека не може да потврди дека Нешовиќ е „убиен во присуство и соучество“ на шефот на белградската полиција.
„Ќе се справиме со валканите полицајци“, најави Вучиќ, тврдејќи дека „сите актери се уапсени“ во овој случај и дека истрагата „се спроведува без прикривање“.
Тој го нарече убиството и начинот на кој телото било скриено „ужасни“, велејќи дека тоа го „извршиле чудовишта, а не луѓе“, бидејќи убиениот човек „не бил ниту академик ниту некој без досие, но начинот на кој починал е застрашувачки“.
„Нашата реакција на ова ќе биде најжестока можна и ќе им го покажеме на сите чесното лице на полицијата… Не сакаме тајкунска полиција… тоа се 2-3 проценти од нив и целиот град знае дека тие се валкани полицајци. Нашите мерки ќе бидат жестоки“, нагласи Вучиќ.
„Исклучително тежок случај за државата“
Зборувајќи претходно за аферата, Вучиќ изјави дека станува збор за „исклучително тежок случај“ за државата и најави донесување закони и санкционирање на полициски или воени претставници кои ги штитат криминалците и тајкуните.
Уапсениот Веселин Милиќ беше началник на белградската полиција од 2013 до 2018 година, кога беше назначен за советник на српскиот претседател Александар Вучиќ за борба против корупцијата и организираниот криминал, а во тоа време беше и помошник-директор на полицијата.
На крајот на 2020 година, тој беше повторно назначен за началник на белградската полиција со одлука на тогашниот министер за внатрешни работи, Александар Вулин. Откако беше откриен скандалот, тој беше итно разрешен на 15 мај. Покрај Милиќ, во истрагата беа уапсени уште 10 лица, меѓу кои и четворица полицајци.




