Речиси половина милион руски војници се убиени од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, изјави денес шефот на британската разузнавачка агенција GCHQ, Ан Кист-Батлер.

Според неа, овие податоци покажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин „се движи наназад“ на бојното поле, објавува Sky News.
Давајќи ја проценката на агенцијата за моменталната слика на закана, таа рече дека Русија „ги интензивира секојдневните хибридни активности“ против Велика Британија и Европа и „немилосрдно ги таргетира критичната инфраструктура, демократските процеси, синџирите на снабдување и јавната доверба“.
„Една област на која сме особено фокусирани е заштитата на податоците и енергијата што течат низ критичните кабли и цевководи во и околу британските води, што го правиме со откривање на руските намери, мотиви и подводни капацитети. Исто така, ги попречуваме руските напори за шверц на западна технологија, одбивајќи ги сајбер нападите и спротивставувајќи се на неодговорните саботажи и обиди за атентат“, рече Кист-Батлер.




