дома Култура Безвременската „Травијата“ на сцената на Народната опера и балет

Безвременската „Травијата“ на сцената на Народната опера и балет

Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди, вечерва ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет во рамки на 54. Мајски оперски вечери.

Диригент е унгарецот Гергељ Кесељак, режијата е на германката Верена Штојбер, а сценограф и костимограф е Софија Шнајдер од Германија. Кореографијата е на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Теа Пурцеладзе од Грузија, во улогата на Алфред Жермон – Алесандро Фантони од Италија,  додека како Жорж Жермон ќе настапи Бадрал Чулунбатар од Монголија. Во останатите улоги настапуваат Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски и Тихомир Јакимовски.

Операта „Травијата“ е едно од најизведуваните дела во светската оперска литература, напишана од Џузепе Верди во 1853 година и за првпат изведена истата година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција. Создадена според романот „Дамата со камелии“ од Александар Дима синот, операта и денес се смета за едно од клучните дела на репертоарот, кое со својата силна драмска линија и емоционална длабочина останува актуелно на сцените ширум светот и кај нас.

ПредходнаЗападна Европа под вршник, во Македонија денес до 34 степени
Следна„Месецот на одмазда“ на Трамп ги освои непослушните републиканци