Не е забрането здружение на граѓани формирано во Македонија да организира протест за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, но тоа остава горчливо чувство дека се мешаме во туѓи политики.

Проблем е што останува нејасно дали ваквите протести се автентични или странска пропаганда и тоа што невладините организации не се под сериозна контрола на државата за начинот на кој се финансираат, па оттука и опасноста тие средства да бидат злоупотребени против државата, пушува Слободен ПЕчат.
Ова е ставот на аналитичарите што ги контактираше „Слободен печат“ во врска со протестот за поддршка на Вучиќ што викендов во Куманово го организираше здружението „Мир, слога и стабилност“ и по информациите од српските медиуми дека истото било финансирано од српското МНР.
Имено, како што објавија српските медиуми, според јавно достапните податоци, на ова здружение во април годинава му биле доделени пари на конкурс на Министерството за надворешни работи на Србија за кофинансирање проекти наменети за организации на Срби од регионот. Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот му доделила 400.000 динари (околу 3.400 евра) на здружението „Мир, слога, стабилност“ за проектот со наслов „Православието и духовноста нè поврзуваат – Под закрилата на молитвата“.
– Жално е што невладините не се под сериозна контрола на надлежните институции за средствата што ги добиваат и затоа ни се случуваат вакви работи. Не говорам од аспект дали организираат митинг или друго, туку поради потребата тие средства да не бидат злоупотребени против државата. Нашите институции не ги контролираат, а факт е дека такви средства доаѓаат. Ова е една од најбенигните форми, но мора да се внимава да не се направат злоупотреби што ќе имаат посериозни последици – вели професорот и политички аналитичар Јове Кекеновски.
Тој, правејќи паралела со најавените протести во Тирана за поддршка на студентите Албанци во Македонија што бараат правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, за кои смета дека се директно мешање во внатрешните работи на Македонија, вели дека со организирањето митинг за поддршка на Вучиќ не се прави директно мешање во нашата работа, туку се прави обид на српските власти да покажат дека Вучиќ има поддршка кај сите Срби.
Ако е вистина дека здружението „Мир, слога и стабилност“ е финансирано од српското МНР, тогаш тоа е поголем проблем за Србија отколку за нас, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Според него, митинзите се слободни, односно секој може да организира митинг, но од етички аспект треба да се види дали тие се автентична или странска пропаганда.
– Кај нас секој може да протестира како сака. Најавените протести во Тирана се мешање во внатрешните работи на нашата држава, односно тие имаат за цел да се смени политиката во друга држава. Нашите што протестираат за Вучиќ, повеќе е етички проблем. Кај нас во државата има претставништва на српски партии. Странска партија, на пример, не може да учествува на избори, но партијата на косовскиот премиер Албин Курти учествуваше како дел од коалицијата со Вреди. Македонија е издупчена како гоблен за такви иницијативи. Ваквите митинзи не се забранети со закон, но оставаат горчливо чувство дека се мешаме во туѓи политики – вели Арсовски.
Стотици граѓани од Куманово и од Скопје на 23 мај учествуваа на собирот за поддршка на Вучиќ, кој се одржа пред Српскиот конзулат во Куманово. На митингот што го организираше здружението „Мир, слога и стабилност“ се виореа српски и македонски знамиња, се пушташе српска и македонска музика и се носеа транспаренти со пораки „Куманово и Скопје се со Вучиќ“. Настанот се одржа под силно полициско обезбедување и помина без инциденти.
Слободен ПЕчат




