дома Македонија Политика Апасиев најави нова интерпелација за Тошковски: МВР функционира како „партиска полиција“

Апасиев најави нова интерпелација за Тошковски: МВР функционира како „партиска полиција“

 

Левица ќе поднесе втора интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, со обвинувања за селективна правда, саботирање истраги, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти лидерот на партијата Димитар Апасиев, кој оцени дека состојбата во МВР дополнително се влошила и дека институцијата, наместо професионален сервис, се претворила во „приватна партиска полиција“.

На прес-конференцијата, Апасиев изјави дека проблемите во Министерството не само што не биле решени, туку и се продлабочиле, додавајќи дека резултатите на полицијата и на министерот се неприфатливи за демократско општество.

Тој посочи дека интерпелацијата содржи 17 точки групирани во шест области, а како главни забелешки ги наведе саботирањето на истраги и несоработката со Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Апасиев на прес-конференцијата ги спомена и случаите поврзани со шпионажа во државниот врв, надзорот во „Бехтел и Енка“ и дивоградбите во Чаир, тврдејќи дека институциите не постапиле соодветно.

Тој ја обвини полицијата и за селективно постапување и политички мотивирани одлуки, посочувајќи ги случајот со Артан Груби и прекинатата постапка за увоз на канцероген мазут.

Според Апасиев, во интерпелацијата се опфатени и полициските пропусти поврзани со трагедијата во Кочани, како и, според него, создавањето „партиска полиција“.

На прес-конференцијата тој говореше и за непостапување во случаи на семејно насилство, фемицид, врсничко насилство и говор на омраза, наведувајќи дека имало непроцесуирани пријави за силување и сексистички коментари.

Лидерот на Левица обвини и за двојни стандарди во полициското постапување, посочувајќи го приведувањето поради истакнување палестинско знаме на спортски натпревар, наспроти, како што рече, непостапувањето при палење македонско знаме и свирење на македонската химна.

Во последниот дел од интерпелацијата, како што кажа Апасиев на прес-конференцијата, се отвораат и прашања за судир на интереси и сомнителни тендери поврзани со министерот Тошковски, како и неговите претходни адвокатски ангажмани.

Апасиев најави дека интерпелацијата ќе биде поднесена веднаш по прес-конференцијата, а сите точки дополнително ќе бидат образложени пред пратениците.

ПредходнаМицкоски до Реџепи: Вие сте лицемерни патриоти од „Али експрес“, во опозиција создавате етнички конфликт, на власт промовирате зелени …
СледнаЗаконот за заштита од пушење се уште во владина процедура